top of page

Рози и сеќавања

  • Writer: Julija Velkovska
    Julija Velkovska
  • May 1, 2021
  • 2 min read

Updated: Jul 18

Среде цвеќиња, без оглед на формата, големината или бојата, како да сум во некој друг свет - помирен, почист, побезбеден. Тоа е и една од причините што неизмерно уживам да ги фотографирам, каде и да сум, а потоа во детали да се сеќавам на опојните ароми, на годишните времиња, на опкружувањето. Ме привлекува секоја убавина, но шармот на класично убавите цветови, ме прави исклучително среќна. Оваа црвена роза, не само што ме примами да ја сликам, туку ме натера и да напишам збор-два конкретно за розите и зошто ми се слабост.


Ливчињата, некогаш и до 50, се наизменично поврзани со долгото стебло. Своевремено завиени во пупка, сега се грациозно обвиткани едни во други, креирајќи деликатни слоеви и софистициран тон на раскошна елеганција. Не е лесно да се опише квалитетот на розите, но штом ќе се почувствува, тешко се заборава. Постојат преку 35 милиони години, ги има во преку 150 видови и илјадници хибридни сорти, но структурата на сите им е идентична и отсекогаш ме пленела. За да се креира најскапата сорта рози во светот биле потребни 15 години и инвестиција од 5 милиони долари. Во 2006-та розата Џулиет била продадена за 15,8 милиони долари. Во 1986 година, пак, розата всушност е прогласена за Национален цвет и цветен амблем на САД.


Ме асоцираат на восхит, на нежноста на мајка ми и нејзината беспрекорна грижа, не само за нив, туку и за цвеќињата и луѓето воопшто. Колку само вешто потоа ги црта, бои и ги овековечува во аранжмани од хартија. Розите ме потсетуваат на цветни ливади, градини и пазари, на времето кога сакав вечно да ги сочувам сите набрани цветови и билки во хербариум. Ми навираат спомени на силна смеа, на лето и зајдисонце, на љубов и страст. Помислувам и на еден драг пријател кој на својата девојка, а сега сопруга, честопати и` подаруваше рози, по што велеше - чисто онака, зарем треба да има повод или причина? Ми будат сеќавања на романтични души и искрени чувства. Ме навраќаат и на безгрижното детство, на тоа колку се радував пред да ги посетам моите баба и дедо бидејќи знаев и дека ќе поминам низ патеката што водеше до куќата, а којашто секогаш приредуваше нови изненадувања - секогаш беше надвисната со чудесни сезонски цвеќиња, меѓу нив и рози. Дедо ми гордо и успешно ги калемеше. Не ме пуштаа да си заминам без свежо набран букет. Ме потсетуваат и на другата баба која се викаше Ружа, и нејзиниот афинитет кон лековити растенија и впечатливи миризби, особено на различни зачини со коишто потоа готвеше превкусни јадења. Како доказ, ја паметам дека зад увото понекогаш дури имаше китка босилек или нане за, како што велеше, да ја освежи и смири. Помислив и на внука ми, Розалија, која со ведрата насмевка зрачи со добрина, а кога зборува, влева надеж.


Оттука, особено во овие динамични и стресни времиња, кога не секогаш ни цветаат рози, сепак ни преостанува да не заборавиме да застанеме и да ги помирисаме и да се навратиме на она што ни буди мир и спокој.

Comments


Drop Me a Line, Let Me Know What You Think

Thanks for submitting!

© 2023 by Train of Thoughts. Proudly created with Wix.com

bottom of page