top of page
Search

Ни таму, ни ваму

  • Writer: Julija Velkovska
    Julija Velkovska
  • Oct 27, 2023
  • 2 min read

Updated: Jul 23

Кога ќе си дојдам дома, како да се преродувам, и тоа без исклучок. Каков наплив на емоции, каква ерупција на среќа штом ќе си ги прегрнам најблиските, ќе слушнам некоја песна од времето, ќе вкусам нешто што ме потсетува на детството или ќе ја почувствувам миризбата на смоквите по дворовите. Па фотографирам каде стигнам, се соживувам и преживувам, за да го овековечам секој стар или нов момент. Вистинско уживање!



Сепак, веројатно со тек на годините, реалноста станува повидлива - уживајќи таму, по извесно време, ми недостасува сето она што го имам овде, или ваму, во мојот втор дом - како што го нарекувам. Мислам на топлината што овде сум ја создала, на ширината и чистината, на бројните можности, и во многу ситуации, на функционалноста во навидум невозможното. Со секое будење им се радувам на грижата, љубовта и спокојот со коишто сум опкружена од најблиските - овде. Вистински благодедет!


Но, иако неизмерно благодарна, сосема природно, далечината стега, копнежот не ме напушта, туку како некоја силна бура, повремено само ќе надојде и со мислите ќе ме пресели таму каде што сум се родила, прашувајќи се - како ли е сега таму? И се` така во круг.


Особено во овие луди и непредвидливи времиња, речиси е невозможно човек да ги има сите убавини на едно место. Свесна дека ниту таму, ниту пак ваму не постои идеален свет, стегите во душата се заменуваат со почит кон овдешните вредности, со спомените кога некој нешто убаво кажал, запеал, искрено се насмевнал, сторил. Глетките на природата и на двете места (и пошироко) ќе останат вечно врежани, меѓусебните посети со семејството и пријателите еден ден повторно ќе се случат, а разговорите на кои и онака им нема крај, со леснотија ќе продолжат.


ree

Останува надежта дека иако и во обата света ни оддалеку не е совршено, мора да оди само на подобро. Во меѓувреме, трпеливо црпејќи ја силата од убавините од двата дома, во овдешниот двор си засадивме дрво од смоква.


 
 
 

Comments


Drop Me a Line, Let Me Know What You Think

Thanks for submitting!

© 2023 by Train of Thoughts. Proudly created with Wix.com

bottom of page